Евролигата ги укинува службените „корона-победи“

Огромниот притисок од клубовите и се почестите откажувања и службени порази на екипите со заразени кошаркари од Covid-19 придонесе Евролигата да почне да размислува за промена на регулативите. Асвел и Зенит ги загубија по двата овонеделни натпревари бидејќи немаат доволно здрави кошаркари за настап, а согласно постоечките правила во ваков случај следи службен пораз од 0-20.

На ваквата ситуација реагираа не само погодените клубови, туку и тренери како Итудис (ЦСКА) и Јасикевичиус (Барселона), кои напоменаа дека со ова Евролигата губи на кредибилитет, уште повеќе ако се земат во предвид најавите дека бројките во сите земји ширум Европа уште повеќе ќе растат во наредниот период.

Поради ова, раководството на Евролигата веднаш испрати предлог за промена на регулативите за натпреварување, поточно за укинување на службените порази. Според новиот правилник, натпреварите што нема да можат да бидат одиграни од Covid-причини, нема да се регистрираат со 20-0, туку ќе бидат презакажани за нов термин. Притоа, одлуката ќе биде ретроактивна, што значи дека ќе се поништат и сите досегашни службени порази на екипите, а ќе се најдат нови термини за одигрување на тие натпревари од првите четири кола.

Се вчитува...