Евролигата одлучи да интервенира во врска со проблемот што АБА-лигата го има со судиите прашање од кое зависи дали сезоната воопшто ќе продолжи.
Раководството на елитното континентално натпреварување не е задоволно од идејата на челниците на Јадранската лига да ангажираат нови судии, сметајќи дека тоа е лошо решение на долг рок, поради што Евролигата бара компромис што би им одговарал на сите страни.
Според Евролигата, судиите делегирани за натпреварите од второто коло со кои всушност ќе започне новата сезона на регионалното првенство не поседуваат соодветен квалитет.
АБА-лигата е малцински сопственик на Евролигата, поради што раководството на Евролигата одлучи да интервенира барајќи да се утврди точниот износ на надоместокот за судиите по натпревар, по што би се договориле и останатите детали од листата на барања на 63 судии.
Ова не е ултиматум. Евролигата понуди посредување, понудата е на маса, а на АБА-лигата останува да одлучи дали сака на овој начин да го реши проблемот во односите меѓу лигата и судиите. Судиите веќе извесно време се обидуваат да издејствуваат повисоки хонорари во АБА-лигата – зголемување од 565,5 на 1.200 евра (бруто-износ) за натпреварите од регуларниот дел, четвртфиналето и плејофот во новата сезона.
АБА-лигата испрати подобрена понуда до овластениот правен застапник на судиите. Иако првичниот рок беше пропуштен, сепак пристигна предлог за компромис со две опции: 700 евра за оваа и 850 евра за следната сезона, или 750 евра за оваа и 800 евра за следната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
