ФА Куп: Петарда на Манчестер Сити, Вест Хем остана без двајца клучни играчи

Манчестер Сити рутински ја оправда фаворитската улога на дуелот против Хадерсфилд, совладувајќи го овој ривал во ФА Купот на Англија со убедливи 5-0. Гвардиола го изротира тимот, во второто полувреме во игра влегоа и Де Бруине и Доку, а повреда во првото полувреме заработи Аканжи, кој мораше да биде заменет. Фоден беше во главна улога со два гола, а по еднаш меѓу стрелците се запишаа Алварез, младиот Боб и Доку.

Вест Хем не успеа да ја искористи предноста на домашен терен, ремизирајќи 1-1 со Бристол Сити, па „чеканите“ ќе мора да играат уште еден меч, и тоа на теренот на противникот за да обезбедат пласман во следната рунда од натпреварувањето. Боувен донесе предност во раната фаза од мечот, но Дејвид Мојес има сериозни проблеми бидејќи најпрвин во првото полувреме се повреди Пакета, а потоа буквално во последните секунди на теренот остана да лежи и Боувен, кој се жалеше на сериозна повреда на скочниот зглоб.

„Кикс“ на домашен терен имаше и Нотингем, кој одигра само 2-2 против Блекпул, па исто како и Вест Хем сега ќе мора да брка победа на гостински терен ако сака пласман во следната фаза од ФА Купот. Блекпул неочекувано поведесо 0-2, Форест израмни преку Домингез и Гибс-Вајт, но домаќините и покрај целосната иницијатива во последниет триесет минути не успеаја да постигнат и трет гол за целосен пресврт.

Лидс како гостин славеше над Питерборо со 0-3, ВБА пред своите гледачи го совлада Алдершот со 4-1, додека нисколигашот Врексам приреди изненадување како гостин славејќи над Шрусбери со 0-1.

Се вчитува...