Фабриката „Фени“ под стечај, кошаркарскиот клуб пред згаснување?!

Кошаркарскиот клуб Фени индустри е многу близу до згаснување откако денеска судот во Велес донесе одлука за прогласување стечај на кавадаречкиот комбинат за фероникел, „Фени“. Како што вчера најави ЕКИПА, денеска беше денот „Д“ за кавадаречкиот прволигаш, но за жал од велешкиот суд пристигна лоша вест откако бугарскиот инвеститор „Енекод“ утрово соопштил дека не е во можност да исплати плати на вработените на Фени. Со самото тоа пропадна и можноста за преземање на комбинатот од страна на „Енекод“, па судот донесе одлука за отпочнување на стечајна постапка.

Преземањето на комбинатот од страна на новиот инвеститор важеше за последна шанса за кошаркарскиот клуб, во кој над 90% од буџетот доаѓаа токму од фабриката. Јасно е дека најновиот развој на настаните воопшто не му оди во корист на поранешниот првак на Македонија, кому му се заканува сериозна опасност во следниот период да биде ставен „клуч на врата“. Фени индустри утре треба да го пречека шампионот МЗТ Скопје, натпревар што најверојатно ќе биде одигран, но јасно е дека во најскоро време ќе биде решена судбината на кошаркарскиот колектив.

Стручниот штаб и кошаркарите се уште немаат земено плата за оваа натпреварувачка сезона, досега имаше најава и за помош од новиот „градски татко“, но се остана на зборови. Едно е јасно, шансите за избегнување на „црно сценарио“ за двократниот македонски првак од ден на ден се се помали, а доколку клубот згасне, постои сериозна опасност македонската лига да продолжи со десет клубови, со оглед на сличната судбина што му се заканува и на актуелниот вицешампион Карпош соколо.

Се вчитува...