Фарса во ЛШ – Рајн Некар Левен со младинци против Кјелце!

Пренатрупаниот распоред и спорот околу термините во ЛШ меѓу германската Бундес-лига и Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги доведе клубовите во безизлезна ситуација да играат по два натпревари во ист ден. Така, Рајн Некар Левен се најде во неверојатен проблем, да мора да игра два исклучително тешки натпревари во рок од два часа, поради што „лавовите“ најавија дека дуелот од ЛШ против Кјелце ќе го играат со својот младински тим.

Во хаосот во календарот, најмногу настрада Рајн Некар Левен. Германскиот шампион во чиј состав е и македонскиот репрезентативец Филип Талески, се најдоа во ситуација на 24 март да играат два важни натпревари. Со почеток во 16 часот од страна на ЕХФ е закажан првиот меч од осминафиналето против Кјелце на гости во Полска, а два часа подоцна, германскиот шампион треба да го одигра дербито со Кил во Бундес-лигата! Во ситуација кога бундеслигашкото дерби е закажано од многу поодамна со договорен ТВ пренос, „лавовите“ се надеваа на договор со  европската куќа на ракометот, но до тоа не дојде.

„Лавовите“ бараа промена на терминот, а ЕХФ понуди промена на домаќинство. Откако и тоа беше одбиено, Рајн Некар Левен денеска објави дека мечот во Полска против Кјелце ќе го игра со својот младински тим.

„Се обидовме да постигнеме договор, понудивме дури и да играме еден меч на 24, а друг на 25 март, што ќе беше многу тешко за нас, но и тоа беше одбиено. Ќе патуваме во Полска со нашиот втор тим, тоа се деца кои го сакаат ракометот и за кои ова ќе биде неверојатно искуство. Секако, јасно ни е дека ќе нема фер борба на спортски план, жал ни е поради тоа, но не гледаме друга алтернатива“ – објави раководството на Рајн Некар Левен.

Во идентична ситуација се најде и Кил, но „зебрите“ најдоа излез прифаќајќи го предлогот на ЕХФ за промена на домаќинството. Така, првиот меч наместо во Унгарија ќе се игра во Германија на 21 март, а реваншот во Сегед е закажан за 1 април.

 

Се вчитува...