Федерер: Ќе играм дури не ми каже Мирка дека треба да одам во пензија

Легендарниот швајцарски тенисер Роџер Федерер ја одбрани титулата на Австралија Опен и во својата колекција го вброи 20. гранслем трофеј. На 36-годишна возраст, тој и понатаму игра врвен тенис и ги победува своите ривали. Секоја наредна година, се чини дека е се подобар и подобар. Дефинитивно, се уште не е за пензија, иако вели дека веднаш ќе се ’пензионира’, доколку тоа од него го побара сопругата Мирка, која му е и најголемата поддршка.

„Ако мојата сопруга ми рече да сопрам со тенисот, веднаш ќе го сторам тоа. Затоа што таа е мојата најголема поддршка и токму поради неа не престанав уште пред неколку години. Мирка е многу повеќе со нашите четири деца и од неа имам неверојатна поддршка. Без неа животот ќе ми беше многу поинаков“, изјави Роџер Федерер по освојувањето на трофејот во Мелбурн.

Роџер и Мирка се венчаа во 2009 и набрзо потоа станаа родители на близначките Мила и Шарлен. Во 2014 година ги добија и близнаците Лео и Лени.

Швајцарскиот ас откри и дел ос своите тајни за големите успеси.

„За мене тенисот е забава, а не работа. Јас и на тренинзите се забавувам, и сега во овие мои години, ги селектирам турнирите на кои ќе учествувам. И најважно ми е што и моето семејство секаде патува со мене. Мислам дека без нив, не би можел доволно добро да се фокусирам на тенисот“, истакна Федерер.

Се вчитува...