Федерер наместо да игра во Дубаи, си зеде одмор со семејството

Роџер Федерер се искачи на првото место на АТП-листата, па реши големиот успех да го прослави со семејството откажувајќи го својот настап на претстојниот турнир во Дубаи. Иако преходно имаше најавено дека ќе биде дел од ова натпреварување, Федерер го известил организаторот дека нема да допатува во Обединетите Арапски Емирати.

„Бев во контакт со неговиот агент, кој ме информираше дека Федерер би сакал да мине повеќе време во својот дом, со семејството. Го почитуваме неговиот избор“ – изјави директорот на турнирот во Дубаи, Салах Тахлак.

Следниот официјален настап на Федерер ќе биде на Мастерс-турнирот во Индијан Велс, каде тој од 8 до 18 март ќе ја брани ланската круна.

Претходно, Швајцарецот на 5 март ќе биде дел од егзибициски меч против Американецот Џек Сок во „Силиконската долина“ во САД, од кој дел од средствата ќе заминат на сметката на „Фондацијата Роџер Федерер“. Воедно, Федерер исто како и лани ќе настапи во дубл со Бил Гејтс, против Џек Сок и Савана Гатри од НБЦ телевизијата.

Се вчитува...