„Фемили Аеродром“: Што е поважно – една титула или образот и достоинството…

МЗТ Скопје утре ќе ја игра мајсторката за титулата со Карпош соколи, а аеродромци и на овој финален меч ќе ја немаат помошта на своите најверни приврзаници, членовите на навивачката група „Фемили Аеродром“. Бојкотот што трае повеќе од една година ќе продолжи и во ова финале, соопшти оваа навивачка група преку свое соопштение до јавноста, бидејќи како што порачуваат аеродромци – некои работи тешко се забораваат.

Соопштението на Фемили Аеродром го пренесуваме во целост:

„Седевме мирни, чекавме стрпливо, набљудувавме секојдневно и за жал не можевме да издржиме а да не бидеме испровоцирани да кажеме неколку работи ден пред мајсторката. Се јавуваат многу луѓе, прашуваат, се интересираат. Ќе се оди ли? Зошто да не се оди? Му требаме на клубот за да дојде до титула! Некој дури и си зема за право да агитира испраќајќи пораки по луѓе, вртејќи телефони и ЛАЖНО информирајќи ги дека групата утре ќе биде во сала. Иако не ни е обичај за вакви работи да пишуваме по интернет, сепак треба да се повтори затоа што некој неразмислувајќи може да биде изманипулиран.

Групата нема да биде во сала, а на поединците им е допуштено правото на избор дали ќе одат или не, и побитно дали ќе навиваат или не затоа што кога веќе си таму логично е емоциите да преовладаат, посебно во тесна ситуација каква што се очекува. Досега на никој не му се замеруваше што оди во сала, никој не беше за тоа осудуван или напаѓан, ама ова сега ги преврши сите мерки на нормално и со манипулација се пробува името на групата уште еднаш да се оцрни.

Секој уште еднаш нека размисли со своја глава, нека се сети што се ни беше приредувано пред две години, нека се изброи до 10 пред да се направи било каков чекор и нека се заклучи: ТОЛКУ ЛИ Е БИТНА ЕДНА ТИТУЛА ЗА ЧОВЕК ДА ГО ИЗГУБИ ОБРАЗОТ, ДОСТОИНСТВОТО И УГЛЕДОТ?!

Оставено е на свеста на секој поединец, да се покаже менталитет и единство, да не се подлегне на притисокот кој некој свесно го прави за само да добие поени за себеси и да профитира на нечии емоции. Од нас толку, ќе помине и утрешниот дуел ама некои работи тешко дека ќе се заборават, посебно не за сметка на еден натпревар!“

Се вчитува...