Фенербахче заостанува зад Галатасај во турскиот шампионат, но „сино-жолтите“ од Истанбул немаат намера да се откажат од трката за титулата. Напротив, Фенер веќе тргна во офанзива по нови засилувања, а фокусот на вниманието на турскиот гигант е италијанската Серија А.
Французинот Гвендузи би требало да биде прво засилување откако преговорите со Лацио влегоа во завршна фаза. Римскиот клуб се соочува со сериозни финансиски проблеми, поради што понудата од 28 милиони евра е премногу добра за да биде одбиена, а останува да се договорат само неколку детали пред трансферот да биде официјализиран.
Фенербахче сака да доведе и нов напаѓач од Калчо-лигата, но планот да се ангажира Нкунку пропадна откако Французинот јасно стави до знаење дека планира да остане во Милан до крајот на сезонава. Така, сега вниманието е целосно насочено кон Адебола Лукман, нигерискиот ас кој цело лето беше во конфликт со Аталанта поради блокираниот трансфер во Интер.
Тимот од Бергамо е порасположен да го продаде својот најдобар фудбалер во тим што не настапува во Калчо-лигата, Фенербахче е подготвен да плати 35 милиони евра, па големи се шансите дека Лукман по завршувањето на Купот на Африкански Нации наместо да се врати назад во Аталанта, веднаш ќе замине на лекарски прегледи и потпис во Истанбул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

