Фенербахче не успеа во намерата да го доведе Нголо Канте како најголемо засилување во овој зимски преоден рок, откако трансферот на францускиот играч за врска не беше комплетиран во предвидените рокови.
Турскиот гигант попладнево објави и соопштение во кое потврди дека овој трансфер не се реализирал, вината посочувајќи ја исклучиво кон неговиот клуб Ал Итихад. Имено, клубот од Саудиска Арабија најпрвин беше отворен за трансфер, потоа во текот на преговорите го побара Ен Несири од Фенербахче, на што турскиот клуб се согласи.
Како што тврдат од Фенер, сите детали биле договорени, но раководството на Ал Итихад од одредени причини сепак не ги доставило документите за овие трансфери во предвидените рокови. Бил побаран дополнителен рок од ФИФА што бил одобрен, но Ал Итихад ниту во новиот термин не ја испратил документацијата, со што овој трансфер и дефинитивно пропаднал.
Така, Фенербахче остана без двете најзвучни засилувања што беа планирани за зимава, откако пред Канте извиси и за Адебола Лукман, кој на крајот се пресели во Атлетико Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

