Фени се спасуваше од пораз во регуларниот дел, па по продолжение славеше над Охрид

Кошаркарите на Фени Индустри стигнаа до првата победа во Првата македонска кошаркарска лига славејќи во 3. коло со 92-82, дури по продолжението против екипата на Охрид АВ.

Охриѓани подобро го стартуваа натпреварот, контролирајќи го резултатот за водство по првата четвртина од 18-22. Но, домашните извонредна ја одиграа втората четвртина која ја добија со 24-9, па на полувремето имаа убава предност од 11 поени (42-31).

Во второто полувреме, гостите повторно се вратија во игра. Со игра главно под кошевите, предводени од одличниот Реми Бери, во третиот период ја анулираа предноста на Фени, за да во последната четвртина се игра израмнето се до самиот финиш.

А, во финишот во играта кош за кош, во последната минута Охрид влезе со предност од 71-72. Во следниот напад, Фени преку Дејвис искористи само едно слободно фрлање за 72-72, а Охрид преку Цонков на 45 секунди до крајот дојде до 72-74. Сепак, Дејвис реализираше два поени за Фени за 74-74 по регуларниот дел.

А во продолжението тотална доминација на кавадарчани кои за пет минути имаа 18-8, за на крајот триумф од 92-82, нанесувајќи им го вториот пораз на охриѓани во првенството.

Најефикасен во победничкиот тим беше Дејвис со 29 поени дополнети и со 12 скока, Мирковиќ постигна 19 поени плус и 11 скока, а Магдевски мечот го заврши со 16 поени. На Охрид не му помогна ниту извонредниот Бери кој дуелот го заврши со 31 поен, 10 скока и три асистенции.

Се вчитува...