Феникс 2010 без проблеми против Куманово до победа број три

Феникс 2010 стигна до третата победа во сезоната откако на домашен терен славеше над Куманово со 89-66 на отварањето на 4. коло. “Виолетово-жолтите” одиграа одличен натпревар во кој ги лимитираа главните играчи на “сино-белите”, беа расположени во нападот со 12 реализирани обиди за три поени, рано стигнаа до висока предност и истата не ја испуштија до крајот.

Отварањето на натпреварот беше во знакот на Феникс 2010 чиј добар проток на топката донесе лесни поени во рекетот за водство од 9-0. Тајм-аутот на Мирковски на момент вроди плод, агресивната одбрана на Куманово го наруши напаѓачот ритам на домаќините, но како одминуваа минутите избраниците на Дервишевиќ стигнаа и до поени зад линијата 6,75, продолжија и со добрата игра во одбраната па ја зголемија предноста на 23-10 по 10. минути игра. Втората четвртина донесе нова серија на Феникс, овој пат од 7-0 за предност од 20 поени (30-10), а добрата игра на домашниот тим продолжи и до крајот на првото полувреме. Куманово се одржуваше во игра благодарение на шутот од далечина, но тоа ме беше доволно за намалување на високиот заостаток на полувремето (49-28).

Второто полувреме не донесе промени на паркетот. Феникс продолжи да го контролира натпреварот и преку одличната одбрана поведе со 57-29, Куманово возврати со зонска одбрана и расположен Зивчевиќ во нападот за ублажување на негативата на 19 поени (63-44). Зоната на гостите ја пробија Митревски и Трајковски со шут за три поени па по 30. минути игра на семафорот стоеше резултат 69-46. Последната четвртина беше само формалност во која домаќините стигнаа и до највисоката предност од 86-54, a потоа шанда добија и најмладите играчи на двата тима.

Најефикасни кај Феникс беа Чарлс Фалден и Андреј Митревски со 16 поени, додека во тимот на Куманово се истакна Марјан Јанески со 15 поени.

Се вчитува...