Феникс 2010 без проблеми против Струмица до четврта победа во низа

Феникс 2010 стигна до четвртата последователна победа во Првата лига откако во 14. коло славеше на домашен терен со 85-71. Скопскиот состав одигра доминантно на отварањето на средбата, а продолжи да го контролира мечот и до крајот и покрај налетот на струмичани во последната четвртина.

Отварањето на натпреварот беше целосно во знакот на „виолетово-жолтите“ кои го наметнаа своето темпо на двете страни од теренот. Избраниците на Дервишевиќ беа на врвот на задачата во одбраната, реализираа со висока успешност во нападот благодарение на одличниот проток на топката па по 10. минути игра имаа предност од 30-11. Во продолжението од првото полувреме Феникс 2010 стигна и до највисоката предност од 36-13, но како што одминуваа минутите опадна темпото кај домаќините, а тоа го искористија гостите кои преку офанзвините скокови успеаја да ја намалат негативата на 45-32.

Второто полувреме не донесе промена на паркетот. Феникс 2010 ги консолидираше своите редови и ја врати контролата на мечот. Го исконтролира скокот со што ги лимитираше лесни поени на противникот, а го имаше расположеното трио Митревски-Хот-Трајковски во нападот за предност од 68-51. Струмичани не се предадоа, преку расположениот Обиквели и неговата серија успеја да намалат на 72-61, но по тајм-аутот во свој ритам одговори Трајковски кој не дозволи неизвесна завршница.

Со 30 поени, 12 скока и 7 асистенции лидер на Феникс 2010 беше Трајковски, дабл-дабл учинок проследен со 15 поени и 11 скока забележа Хот, по 14 поени реализираа Митевски и Фалден на кој Македонецот додаде и 7 асистенции, а нив ги следеше Петков со 10 поени. 30 поени и 5 скока за Струмица постигна Обиквели, додека 16 поени реализираше Крстајиќ.

Се вчитува...