Феникс 2010 го совлада Работнички за место во разигрувањето на меморијалниот турнир „Анте Дуковски“

Феникс 2010 е последниот полуфиналист на меморијалниот турнир „Анте Дуковски“ откако во натпреварот кој директно одлучуваше за место во следната фаза по голема драма и дополнителни пет минути славеше над Работнички со 88-94.

Двата тима го отворија натпреварот во грч, а границата од шест постигнати поени од еден тим беше надмината тек по речиси четири и пол минути игра. Но, како што одминуваше првата четвртина двата тима влегоа во подобар ритам, а иницијативата ја превзема Феникс 2010. Гостите во своите редови го имаа расположениот Куртис Џоунс кој блесна на двете страни од теренот и постигна 12 поени за три минути со што избраниците на Дервишевиќ се „одлепија“ на +9 (15-24) по 10. минути игра.

Добрата игра во транзиција на Феникс продолжи да биде фактор во првото полувреме. „Виолетово-жолтите“ преку лесните поени постојано ја одржуваа предноста, а по целеплинот на Кларк и Џоунс истата изнесуваше +11 (29-40). Сепак тајмаутот на Симиќ вроди плод, „црвено-белите“ продолжија со одличниот шут за три поени преку кој во вторите десет минути постигнаа 18 поени и успеаја да го изедначат мечот на полувремето (44-44).

Феникс ја врати предноста на отварањето на втората четвртина, меѓутоа избраниците на Симиќ најдоа решение во одбраната, а Работнички одговори во вистински ритам и во нападот за со серија од 9-2 да стигне до првата поубедлива предност (58-51). Гостите успеаја да ги консолидираат своите редови и преку Џоунс и Михајловски да одговорат со своја серија за минимална негатива (61-60), но продолжи и високата реализација на Работнички кој ги погоди следните три шута за предноста по 30. минути игра да изнесува 70-62.

Работнички на самото отварање стигна и до највисоката предност од +9 (73-62) по тројката на Мустафица, меѓутоа тука опадна темпото на „црвено-белите“. Агресивната одбрана на Феникс создаде проблеми во нападот на „најтрофејните“, а тоа го искористи младиот тим кој преку брзата игра во транзиција на Митревски, Богатиновски и Петков успеа да го изедначи резултатот (73-73) и наговести интересна завршница.

Неизвеноста и драмата траеја се до последните секунди од мечот. При резултат 81-78 за Работнички, Хот погоди обид под обрачот за кој заработи и дополнително слободно фрлање за ново изедначување, а по добрата одбрана на спротивната страна Морган најдобро се снајде под кошот за водство на Феникс (81-83). Американецот имаше и можност за зголемување на водството од линијата за слободни фрлања, но промаши во својот обид. Со 11. секунди до крајот, Даниловски тргна на спротивната страна за брза реализација, а лошиот прекршок на Џоунс донесе и неспортска лична грешка.

Даниловски ги реализираше двете слободни фрлања за 83-83, а на Работнички му припадна и последниот напад од регуларниот дел. При обидот на Александровски топката си поигра на обрачот, но не се протна низ мрежичката што значеше и дополнителни пет минути. Во нив Феникс преку серијата од 5-0 на Петков стигна до предност од 85-90, која и покрај обидите за враќање, беше преголем залак за Работнички.

Мустафица со 23 поени беше првото име во редовите на Работнички, а него го следеше Марковски со 19 поени и 6 скока. Како двоцифрени за домаќините мечот го завршија и Даниловски и Џексон со по 11 поени. Џоунс беше првото име во редовите на Феникс со 25 поени и 10 скока, 17 поени додаде Митревски, 14 поени и 7 скока забележа Морган, додека како двоцифрен со 10 поени мечот го заврши и Михајловски. Амар Хот одигра нов одличен натпревар во кој покрај седумте поени додаде и фантастични 17 скока од кои 11 во нападот.

Се вчитува...