Феникс 2010 останува енигма за Работнички – Митревски донесе „виолетово-жолто“ славје во Аеродром

Феникс 2010 влезе во победничка низа во Првата кошаркарска лига откако во 12. коло славеше на домашен терен против Работнички со 91-88. Избраниците на Дервишевиќ одиграа одлична втора четвртина во која стигнаа до висока предност, а и покрај тоа што гостите се вратија во мечот во последната четвртина немаа сили за целосен камбек.

Двата тима беа расположени во реализацијата на отварањето на средбата, а прв иницијативата ја превзема Работнички кој благодарение на реализацијата зад линијата 6,75 поведе до 14-19. Сепак Феникс 2010 не дозволи гостинот да направи и позначајна предност, умешно одговори во транзиција и не само што ја врати резултатска неизвеноста туку и поведе со 27-25. Добрата одбрана на домашниот тим во рекетот продолжи да биде фактор на мечот, а „виолетово-жолтите“ продолжија со високата реализација на спротивната страна. Димчевски влезе во серија за три поени, а по украдената топка на ветеранот и поените на Хот предноста стана и двоцифрена (40-29). Работнички потфрли во реализацијата за три поени, Феникс беше сигурен во скок играта, а тоа донесе и лесни поени во транзиција со кои домаќинот стигна до позитива од 50-34 на полувреме.

Работнички успеа да ги консолидира своите редови на отварањето на второто полувреме во кое повторно пресуди одбраната. „Црвено-белите“ со високиот пресинг го сопреа протокот на топката на домаќинот, го проморија на тешки обиди и изгубени топки кои ги искористија на спротивната страна за 50-46. Феникс стигна до првите поени по речиси четири минути игра во третата четвртина, но навремено ги консолидираше редовите. Поени постигнаа Митревски и Трајковски па „виолетово-жолтите“ го одбија налетот на гостите, а со поените на Димчевски ја вратија и двоцифрената предност (66-55) пред одлучувачките десет минути. Во нив Работнички продолжи да брка негатива, а и покрај тоа што Феникс умешно ја одржуваше гостите по неспортската лична грешка на Митревски и поените на Бакоч најтрофејните имаа негатива од само еден напад. Димчевски во следниот напад одговори со тројка за предност од два напада (82-78), но Работнички повторно се врати во мечот преку Бакоч кој со тројка донесе изедначување (82-82). По тајм-аутот на Дервишевиќ домашниот состав одговори со серија од 5-0, но повторно успеа да ја загуби предноста па натпреварот беше решен во „пенал завршница“ во која пресуди мирната рака на младиот Андреј Митревски.

Со 23 поени и 5 скока лидер на Феникс 2010 беше Митревски, додека него го следеше Димчевски со 21 поен и 5 скока. Дабл-дабл од 16 поени и 17 скока додаде Трајковски, додека со 14 поени мечот го заврши Фалден. 20 поени за Работнички постигна Малешевиќ, по 19 додадоа Бакоч и Форте кој фати и 19 скока и додаде 7 асистенции, додека до 18 поени броеше Џексон.

Се вчитува...