Феникс 2010 со одлично прво полувреме го совлада ТФТ

Феникс 2010 им се врати на победите откако во 8. коло славеше на гостувањето кај ТФТ со 74-79. Гостите одиграа одлично прво полувреме во кое го лимитираа противникот на 28 поени, а успеаја да ја задржат предноста и во вториот дел и покрај налетот на домаќинот.

Добрата заштита на рекетот од страна на Феникс 2010 спречи лесни поени на домаќините, а гостите одговорија со добра игра во нападот каде високата реализација донесе предност од 8-16. Тајм-аутот на Смилковски на момент ги консолидира редовите на ТФТ, но добрата одбрана на гостите продолжи да биде фактор на натпреварот, а поените од транзиција донесоа двоцифрена предност (14-25) по 10. минути игра. Избраниците на Дервишевиќ продолжија да го контролираат натпреварот и до крајот на првото полувреме. “Виолетово-жолтите” беа на врвот на својата задача во одбраната, а во полза на “црно-белите” не беше ни лошата реализација. Феникс 2010 стигнаа и до поени од втора шанса во нападот, го имаа и расположениот Трајковски па на полувремето заминаа со предност од 28-47.

Зонската одбрана на ТФТ создаде проблеми во организацијата на играта на Феникс 2010, а домашните кошаркари влегоа во ритам во нападот па со пет реализирани обиди за три поени рано ја намалија високата негатива на едноцифрена (47-56), но гостите успеаја да ја пробијат пречката преку Такер и Митревски за 52-67 пред последните десет минути. Агресивната одбрана на ТФТ го спречи нападот на Феникс четири минути и донесе серија од 6-0 за едноцифрена негатива (58-67), но гостите во вистински момент ги консолидираа своите редови и не дозволија ран егал. ТФТ продолжи да брка негатива, на 16 секунди до крајот стигна до -3 (74-77), но мирната рака на Петков од линијата за слободни фрлања не дозволи драма.

Во првиот меч одигран вечерва, Гостивар го совлада Чаир без проблеми со 86-68. Чаирчани водеа само во првата четвртина, а потоа Гостивар го сврте резултатот и на крајот славеше.

Се вчитува...