Феноменалниот Леброн го демолираше Портланд, „сонцата“ престанаа да светат во Бостон

Леброн Џејмс ја продолжи серијата одлични изданија во НБА-лигата, предводејќи го тимот на ЛА Лејкерс до убедлив триумф над Портланд со 139-106. „Кралот“ Џејмс беше незапирлив за гостинските кошаркари реализирајќи 43 поени и 14 скокови, бројки што се уште поимпресивни ако се знае дека Леброн мина на теренот само 27 минути. Ова беше седми меч во низа на кој Џејмс постигна минимум 30 поени, потврда дека големиот ас и на 37-годишна возраст се уште е феноменален на терените ширум САД.

Феникс претрпе убедлив пораз од 123-108 на гостувањето против Бостон. Пресудно беше првото полувреме што домаќините го добија со 67-42, убедлива предност што рутински ја задржаа до самиот крај. Браун и Смарт со по 24 поени ги предводеа стрелците кај Бостон, додека на спротивната страна Букер беше најефикасен во таборот на Феникс со 22 постигнати поени. Со овој пораз „сонцата“ паднаа на второто место во Западната конференција, со еден пораз повеќе во однос на Голден Стејт.

Драматично беше во Индијанаполис, каде Чикаго славеше со 106-108 со тројката што ја постигна Дерозан со звукот на сирената. Токму Дерозан беше и најефикасен на мечот со 28 поени, Вучевиќ имаше дабл-дабл од 14 поени и 16 скокови, додека Леверт со 27 поени беше најефикасен во таборот на Индијана.

Резултати НБА:

Бостон – Феникс 123-108, Индијана – Чикаго 106-108, Сакраменто – Далас 96-112, Хјустон – Мајами 110-120, Кливленд – Атланта 118-121, Торонто – ЛА Клиперс 116-108, Мемфис – Сан Антонио 118-105, Оклахома – Њујорк 95-80, Јута – Минесота 120-108, ЛА Лејкерс – Портланд 139-106.

Се вчитува...