ФФМ ги утврди цените: Бодри ја Македонија за 300 денари

Македонските навивачи ќе имаат можност да им дадат поддршка на фудбалерите на селекторот Благоја Милевски откако Владата со најновата одлука овозможи присуство на гледачи во висина од 50% од капацитетот на националната арена „Тодор Проески“.

Фудбалерите имаат можност со триумф над Ерменија да се искачат на првото место во квалификациската група, а ФФМ објави дека влезниците за овој дуел закажан за 2 септември ќе изнесуваат 300 денари. Истата цена ќе се однесува и на билетите за натпреварот против Романија закажан за 8 септември, а согласно одлуката на Владата, влез на стадионот ќе биде овозможен со покажан сертификат за вакцинација, или сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Воедно, Управниот Одбор на ФФМ донесе одлука билетите за квалификацискиот дуел на младинската репрезентација против Србија, што ќе се игра на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид на 7 септември да бидат по цена од 150 денари.

Љубителите на женската фудбалска А репрезентација на Македонија ќе може да ја бодрат нашата селекција на квалификацискиот натпревар против Австрија на 21. септември на Националната арена „Тодор Проески“ со купен билет по цена од 100 денари.

Се вчитува...