ФФМ ја промовира „Генералната стратегија 2021-2025“ за надградба на досегашните успеси – Фудбалот, како најпопуларен спорт во Македонија (ФОТО)

Фудбалската федерација на Македонија ја презентираше Генералната стратегија „Обединети од фудбалот 2021-2025“, која претставува продолжување и надоградување на досегашната стратегија зацртана до 2020 година.

Како што беше истакнато на пригодната свеченост во хотелот „Хилтон“ во Скопје, на која присуствуваа бројни легенди на македонската фудбалска игра Вујадин Станојковиќ, Неџмедин Мемеди, Арбен Нухиу…, како и селекторите на двете најквалитетни македонски репрезентации Благоја Милевски и Драган Канатларовски, македонскиот фудбал постигна и се изгради на многу повисоко ниво од зацртаното во претходната генерална стратегија.

Некои нешта како пласманот на репрезентацијата до 21 година на Европско првенство воопшто не беа зацртани, но се реализираа, како и настапот на ЕВРО 2020 за првпат во историјата на македонска сениорска фудбалска репрезентација.

„А, токму остварените успеси се доказ дека за оваа федерација и за ова раководство зборовите се дела“ – истакнаа од ФФМ.

Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини во своето обраќање пред присутните во хотелот „Хилтон“ во Скопје потенцираше дека е горд на се што е досега сработено, но сето тоа е само мотив повеќе за новата борба фудбалот вистински во следниот период да биде промовиран како најдобар и најпопуларен спорт во Македонија.

„Откако ги реализиравме нашите стратешки интереси и цели, може да го насочиме погледот кон иднината и нашите идни амбиции и вредности кои не обединуваат преку фудбалот. Докажавме досега дека некои нешта не се недостижни како пласманот на најголемите европски натпреварувања, подобрување на фудбалската инфраструктура, поддршката за домашните клубови. И покрај тешкиот период предизвикан од пандемијата, горд сум што нашето фудбалско семејство никогаш не било поповрзано. Настапот на Европското првенство и обединетоста која не красеше се доказ за исправниот пат по кој чекориме. Сега желбата е токму досегашните успеси да ги надоградиме преку новата генерална стратегија. Славејќи го се она што сме го постигнале, а дополнето со новите стратешки планови сигурен сум дека ќе разгориме дополнителна искра за уште поголем развој на нашата фудбалска игра“ – истакна Сејдини.

Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски во кратки црти пред присутните ја презентираше стратегијата која е поделена во седум столба (Првиот столб е да се направи фудбалот спорт број еден во Македонија, преку имиџот и вклученоста, вториот столб е партиципацијата, третиот – натпреварувањата, четвртиот – елитниот фудбал, петтиот е приходите, шестиот столб – инфраструктурата и седмиот – доброто раководење), низ кои детално ќе се чекори за остварување на зацртаните цели.

Покрај презентацијата на генералната стратегија, ФФМ најави набрзо стратегија и за женски фудбал – „Повеќе жени, повеќе голови“.

Се вчитува...