ФФМ: Обединети со УЕФА и 55. членки против фудбалската Суперлига

Во швајцарски Монтро денеска се оддржа 45. Конгрес на УЕФА на кој присуствуваа претседателот и генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини и Филип Поповски.

Учесниците на Конгресот на УЕФА се обединија во тврдењето дека затворената „Суперлига“ е против концептот на тоа што Европа мора да биде: отворена, принципиелна и со спортски вредности.

55. членки на УЕФА и учесници на 45-от Конгрес на Европската фудбалска Асоцијација го осудуваат прогласувањето на т.н. „Супер лига“.

Конгресот на УЕФА е категоричен дека затворената „Супер лига“ е спротивна на самиот концепт за тоа што значи да се биде европски: унифициран, отворен, солидарен и принципиелен кон спортските вредности. УЕФА и нејзините членки – асоцијации веруваат во вистински европски модел кој се темели на отворени натпреварувања, солидарност и прераспределба за да се обезбеди одржливост и развој на играта за доброто на сите и за промовирање на европските вредности и социјална одговорност.

Клубовите кои заговараат затворено натпреварување очигледно заборавија дека нивниот денешен статус не беше постигнат изолирано, туку беше дел од динамичен европски систем каде што големите, средните и малите клубови придонесоа за успесите и загубите на сите. Нивната претпоставка дека имаат право да се одвојат и да полагаат право на наследство кое е изградено со заеднички сили е навреда за европските вредности и спортските заслуги.

УЕФА, нејзините членки и сите оние кои го сакаат фудбалот силно ќе се спротивстават и ќе се борат против сопствениците на клубовите кои заговараат таква лига и против сите оние кои ги поддржуваат. Од морална гледна точка многу добро знаеме што сѐ се крие зад ова и во таа смисла ќе го штитиме фудбалот од себичен клан кој не се грижи за играта. Ние сме европски фудбал. Тие не се.

Се вчитува...