Џирона ја комплетираше најдобрата сезона во клупската историја со уште едно неверојатно издание, декласирајќи го тимот на Гранада со неверојатни 7-0 како печат на неверојатните резултати на овој тим, кој се најде на третото место на табелата во Ла Лига. За фиестата да биде комлетна, Украинецот Довбик се искачи на врвот на листата на стрелци во Ла Лига откако вечерва постигна хет-трик, успевајќи да го мине Серлот на чело на ова рангирање.
Гранада триесетина минути успеваше да одолее на налетите на фаворитот, но Џирона фуриозно го одигра финишот од полувремето и преку Гарсија, Циганков и Довбик (од пенал) на одмор замина со водство од 3-0. Циганков постигна уште еден гол за 4-0, потоа Довбик имаше гол и асистенција, пред корпулентниот напаѓач од пенал во 90. минута да предизвика еуфорија меѓу соиграчите и навивачите.
Имено, тоа беше 24. гол на Добик во шпанскиот шампионат сезоната, еден повеќе од Серлот кој утре сепак ќе има шанса да го стигне Украинецот на гостувањето на Вилјареал против Осасуна.
Зад Џирона е неверојатна сезона, со дури 81 освоен бод и уште поневеројатни 86 постигнати погодоци, најголем број на било кој тим освен Реал Мадрид и Барселона во последните 40 години од Ла Лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА