ФИФА ги менува правилата поради случајот Алварез, клубовите повеќе нема да можат лесно да ги блокираат трансферите

Светската фудбалска федерација подготвува промени на правилата кои го регулираат раскинувањето на договорите меѓу фудбалерите и клубовите, а новите прописи би требало да спречат ситуации во кои клубовите со нереално високи суми практично да го оневозможуваат заминувањето на играчите.

Измените на Членот 17 од Правилникот за статусот и трансферите на играчи треба да стапат во сила на 1 јануари 2027 година, а целта е да се воспостави поправеден систем за фудбалерите кои сакаат да го променат клубот, посебно во ситуации кога тимот одбива да преговара за нивен трансфер.

Според новите правила, договорите ќе мора да бидат прилагодени со модел според кој сумата за едностран раскин на договорот ќе треба да биде разумно пропорционална со околностите на конкретниот случај.

Со други зборови, ФИФА сака да спречи која било страна да постави нереално висока сума која практично би му оневозможила на фудбалерот да го напушти клубот.

Одлуката доаѓа по низа случаи во кои трансферите биле блокирани поради високите откупни клаузули или поради одбивањето на клубовите воопшто да преговараат за продажба на играчи кои сакаат да заминат.

Ова лето фудбалските фанови ја следеа сапуницата со Хулијан Алварез. Аргентинецот во текот на летото сакаше да си замине од Атлетико Мадрид и да се пресели во Барселона, но мадридскиот клуб одби воопшто да преговара за трансфер и порача дека нема шанси да го продаде на Барселона.

Притоа од Атлетико порачаа дека ако Барселона сака да го ангажира Алварез единствен начин е да плати 500 милиони евра колку што изнесува откупната клаузула за Аргентинецот и нема намера да ја спушта оваа сума.

Се вчитува...