ФИФА не може против ‘мундијалското дигитронче’

Светските фудбалски првенства вообичаено креираат специфична тензија на крајот од прелиминарниот групен сегмент. Откако во 1982 година, Западна Германија и Австрија практично го преспаа дуелот во кој Германците победија со 1-0, па двете селекции минаа во следниот сегмент, на сметка на Алжир, ФИФА реши дуелите од последното, решавачко коло, во секоја конкуренција,  да бидат играни во исто време.

Сепак, последното коло и на актуелното Светско првенство во Русија покажа дека и овој систем има слабости. Кога Јапонците, сфатија дека Колумбија го победува Сенегал им беше јасно дека можат да минат во следната фаза поради фер-плеј правилото на ФИФА. Јапонците во дуелот со елиминираната Полска, последните дваесетина минути се трудеа само да избегнуваат картони. Интензитетот на дуелот беше како меч на две репрезентации кои „се трудат да не го разбудат бебето што спие“.

Селекциите на Белгија и на Англија калкулациите можеа да ги прават уште пред меѓусебниот дуел во третото коло. Јасно беше дека двете репрезентации одат во осминафиналето и имаа идентичен биланс во сите категории што ги пропишува ФИФА околу одредувањето на позициите на табелата.

Со нерешен резултат, бројот на картони ќе решаваше за освојувачот на првото место. Тоа што оваа конкуреција беше последна на распоред им овозможи на Англија и на Белгија да калкулираат од која позиција ќе одат во нокаут фазата. А ова беше клучно бидејќи првопласираниот ја добиваше потешката половина од ждребот во продолжението на Мундијалот.

Затоа двајцата селектори комплетно ги измешаат составите за овој дуел иако официјално тврдеа дека ги насочуваат тимовите кон победа. Белгија беше подоследна, па славеше минимално со 1-0, а Англија излезе како вкупен ‘победник’.

 

 

 

 

Се вчитува...