Кошаркарите на МЗТ Скопје го доживеаја првиот пораз во кошаркарската Суперлига, откако вечерва загубија со 87:79 на гостувањето кај Струмица.
Ова е втор пораз за МЗТ Скопје во само два дена, претходно „металците“ во СЦ „Јане Сандански“ загубија од АЕК Ларнака со 69:85 во Еврокупот.
Натпреварот во салата „Парк“ беше неизвесен во најголем дел од натпреварот и победникот беше одлучен во финишот. Првата четвртина заврши нерешено (26:26), втората четвртина ја доби Струмица со 21:18 и на пауза замина со три поени предност (47:44).
Во третата четвртина со иста мерка возврати МЗТ Скопје и во одлучувачкиот период се влезе со израмнети 64:64.
Во одлучувачката четвртина, првиот удар го зададоа струмичани кои по поените на Харис дојдоа до предност од десет поени (80:70) на четири минути до крајот.
Оваа предност се покажа недостижна за шампионот кој го забележа првиот пораз во Суперлигата.
Најдобар поединец во победничкиот состав беше Малик Џејкоб со 29 поени, додека Кем Крафорд даде 21 поен. На спротивната страна, Војдан Стојановски постигна 17 поени, а Андреј Маслинко даде 15.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
