Филип Бакоч и се приклучи на репрезентацијата

Филип Бакоч му се стави на располагање на селекторот Драган Бајиќ за подготовките на сениорската репрезентација која во следниот период ќе се сретне со Словачка и Швајцарија на претквалификациите за Светското првенство 2023.

За доскорешниот играч на МЗТ Скопје ова воедно е и продолжување на репрезентативниот статус откако крилниот центар беше дел од најдобрите кошаркари на Македонија на квалификациите за Евробаскетот во 2022 година.

„Сакам да имаме уште посилен интензитет во оваа фаза од подготовките. И да имаме играч повеќе, особено во оваа уводна фаза од подготовките. Затоа одлучив дополнително да го повикам Филип Бакоч, кој треба да помага на оние крилни позиции во тимот, каде го очекуваме доаѓањето на Џејкоб Вајли. Засега се оди според планот, играчите одлично ги прифатија сите принципи на работа на стручниот тим. Јас сум презадоволен од нивниот однос кон тренинзите. Во Маврово ќе работиме уште два дена, во среда се симнуваме во Скопје“– вели селекторот Драган Бајиќ.

Македонската кошаркарска репрезентација во моментот се наоѓа во Маврово каде ги одработува последните подготовки пред враќањето во Скопје.

Се вчитува...