Финале на ЛШ: Може ли семејството Душебаеви да ја симне Барса од тронот на Европа?

Барселона и Киелце ќе излезат денеска со почеток во 18 часот на мегдан во „Ланксес Арена“ во Келн, во големото финале на ракометната Лига на Шампиони. Каталонскиот гигант ја има улогата на бранител на трофејот, што со себе ја носи и незгодната традиција – ниту еден тим по воведувањето на фајналфор турнирите во Келн не успеал да стигне до европската круна две сезони по ред.

Каталонците играат извонреден ракомет во текот на целата сезона, што им ја дава улогата на благи фаворити, но од друга страна токму Киелце е единствениот тим што сезонава двапати успеа да го земе скалпот на големата Барса. Полскиот првак најпрвин триумфираше на гостувањето во Барселона со 30-32, во ноември 2021 година, за само една седмица подоцна повторно да слави над големиот ривал, овојпат во Киелце со 29-27.

Главен адут на Киелце е тренерот Талант Душебајев, ракометната легенда што воодушевуваше како играч, а сега бележи одлични резултати и како тренер. Тој во тимот ги има и двајцата синови, Алекс и Дани Душебајев, па ова ќе биде прво финале во историјата на ЛШ во кое учествувале три члена од едно семејство.

„Одигравме одличен меч против Веспрем во полуфиналето, тоа е извонреден ривал, но ние бевме подобри и заслужено победивме. Сега пред нас е нов предизвик, мечот за титулата и ние сме подготвени“, порача Алекс Душебајев.

Барса веќе е најтрофеен клуб во ЛШ со десет освоени трофеи, но фактот дека можат да станат првите кои ја одбраниле титулата во Келн е дополнителен мотив за каталонците.

„Киелце двапати славеше против нас сезонава, но ние сега сме далеку подобра екипа отколку во ноември. Подготвени сме да го покажеме тоа на теренот“, изјави Ортега, кој во случај на триумф на Барса ќе стане петтиот во историјата кој се закитил со титулата и како играч и како тренер, влегувајќи во одбраното друштво на Чави Пасквал, Талант Душебајев, Роберто Гарсија Парондо и Филип Јиха.

Се вчитува...