Финалето почнува в недела, ако има „мајсторка“ ќе се игра на 24 мај

МЗТ Скопје и Карпош соколи ќе ги одмерат силите во финалната серија од плејофот, која ќе се игра во три добиени натпревари. „Соколите“ по освоениот куп најавуваат атак на двојната круна, додека „металците“ ќе сторат се за да ја продолжат својата доминација во мак-баскетот која трае со години.

Македонската Кошаркарска Федерација ги одреди термините за оваа финална серија, па така првиот дуел ќе се игра в недела, на 14 мај во салата „Јане Сандански“, а домаќин ќе биде МЗТ Скопје како првопласиран тим во Супер-лигата. „Соколите“ првпат ќе бидат домаќини во вторник (16 мај), а третиот меч е закажан за три дена подоцна, повторно во скопската населба Аеродром.

Четвртата финална пресметка, ако биде потребна, ќе се одигра на 21 мај (недела) во салата на Карпош Соколи додека евентуалната „мајсторка“ за новиот кошаркарски шампион е закажана за 24 мај со МЗТ Скопје Аеродром во улога на домаќин.

„Металците“ сезонава одиграа четири дуели со „соколите“, по два во АБА-лигата и во Суперлигата, а досегашниот меѓусебен скор е 3-1 во корист на аеродромци со две победи на домашен терен и еден „брејк“ во арената на противникот.

Се вчитува...