Фиорентина два месеци немаше победа, па го растури Јувентус среде Торино

Јувентус доживеа уште едно непријатно изненадување откако „старата дама“ претрпе пораз на домашен терен од Фиорентина (0-2). Само неколку часа откако дознаа дека службената победа над Наполи им е одземена и дербито ќе мора да се одигра, Андреа Пирло и неговите избраници одиграа потпросечен меч за што беа казнети од мотивираните гостински играчи. Ова беше прв пораз на Пирло во Калчо-лигата како тренер на Јуве, прва победа на Прандели по камбекот на клупата на Фиорентина, воедно и прв пораз на „старата дама“ од три гола разлика на домашен терен откако е изграден новиот стадион „Алијанц Арена“.

Фиорентина беше без победа во последните два месеци, „виолетовите“ се немаа радувано уште од 25 октомври (3-2 против Удинезе), но вечерва одиграа беспрекорен меч и заслужено го зедоа скалпот на шампионот. Изненадувањето беше најавено на самиот почеток, Влаховиќ избегна офсајд-замка на средината од теренот, истрча четириесетина метри и го совлада Шчешни. Мизеријата на Јуве се зголеми во 20. минута, кога Квадрадо заработи директен црвен картон.

„Црно-белите“ беа принудени да се отворат, постигнаа гол преку Роналдо што беше поништен поради офсајд, по што Фиорентина во финишот постигна уште два погодоци, најпрвин Алекс Сандро со автогол зголеми на 0-2, пред поранешниот дефанзивец на Јуве, Мартин Касерес да ги постави конечните 0-3 на овој натпревар.

Се вчитува...