ФК ПЕЛИСТЕР: Во Тетово беше страшно – стравуваме и за своите животи!

По денешниот случувања на дуелот во Тетово, кој заврши по 110 минути игра, второлигаш Пелистер објави соопштение преку социјалните мрежи и се пожали дека фудбалерите на битолскиот тим стравувале за својот живот на гостувањето во Тетово, каде што загубија со 1-2 од Тетекс.

Битолскиот тим соопшти дека дуелот во Тетово бил нерегуларен, а притоа обвини дека во завршницата на регуларниот дел од мечот влегле десетина навивачи на Тетекс на теренот.

СООПШТЕНИЕТО ОД ФК ПЕЛИСТЕР ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

ФК Пелистер ја известува јавноста дека попладнево бевме сведоци на тотално нерегуларен натпревар, во кој бевме доведени во ситуација нашите професионалци да стравуваат за својот живот и да играат натпревар со присуство на навивачи в терен.

Сакаме да апострофираме дека по израмнувачкиот гол на Пелистер во 89. минута од натпреварот против Тетекс, на терен влегоа десетина навивачи и натпреварот немаше услови да продолжи и да се доигра. Сепак, беше донесена одлука да се игра дури и со навивачи присутни в терен, на непосредна близина од нашите фудбалери и веднаш до нашиот голман. Нашиот клуб нема никакви замерки за професионалноста на своите фудбалери, но апострофира дека денес многумина од нив стравуваа за својот живот на нерегуларниот натпревар во Тетово.

Порачуваме сериозно да се анализира нерегуларниот натпревар во Тетово и да се извлечат заклучоци зошто и како нашите фудбалери беа приморани да играат во вакви услови. Зошто делегатот дозволи натпреварот да продолжи кога навивачи влегоа в терен и физички манифестираа насилство врз службени лица.

Нема да дозволиме ваков тип на натпревари да ни станат секојдневие и ќе продолжиме со чесниот пристап за игра и однесување која му прилега на клуб како Пелистер. Чувствуваме должност ваквите девијации на нашите терени, кои никогаш не се случиле и нема да се случај кога ФК Пелистер е домаќин, да ги пријавиме на надлежните органи и јавноста и да ги заштитиме нашите професионалци.

Се вчитува...