Фленсбург го победи Целје во продолжението од ЛШ

Фленсбург на домашен терен славеше против Целје со 33-28, во првиот натпревар од 6.коло со кое продолжуваат натпреварите во Лигата на шампионите по паузата за репрезентативните активности во неделата на ЕХФ.

Словенечкиот тим добро го отвори натпреварот и се одржуваше во позитива во првата четвртина, но потоа домаќините направија серија од 5-1 и поведоа со 15-13, а на одмор заминаа со гол предност (16-15).

Почетокот на вториот дел одново беше во знакот на гостинскиот тим кој успеа повторно го презеде водството со 1-2 гола разлика. Сепак, Фленсбург повторно направи пресврт и со четири гола во серија успеа да се одлепи и ја задржа позитивата до крај.

Најефикасен во победата на германскиот состав беше Ласе Сван со седум гола, Мае и Лауге додадоа по пет гола за Фленсбург. Кај Целје прв стрелец беше Бранко Вујовиќ со девет гола, а еден помалку запиша Гал Маргуч.

За Фленсбург ова е трета победа во првите шест натпревари во групата Б од Лигата на шампионите, а за Целје четврти пораз.

Се вчитува...