Ханси Флик на крајот од сезонава ќе си замине од Баерн Минхен, најавите кои кружеа во јавноста во изминатите десетина дена денеска ги официјализираше самиот Флик, веднаш по победата над Волфсбург со која трофејниот стратег стигна на чекор до нов трофеј. Тој имаше уште една година од актуелниот договор со баварскиот гигант, но низата конфликти со спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ беше причина самиот да побара да си замине.
Флик најпрвин им ја соопштил веста на своите фудбалери, по што истата ја сподели и со целокупната фудбалска јавност.
„Им реков на фудбалерите дека си одам на крајот од сезонава. По мечот во Париз со ПСЖ истата одлука им ја соопштив и на челниците на клубот, но важно ми беше играчите да го слушнат тоа од мене. Голема благодарност до Баерн за укажаната шанса да го водам тимот“, изјави Флик.
Овој стручњак во наредните денови треба да потпише договор за да го наследи Јоаким Лев како селектор на Германија по ЕВРО 2020.
Што се однесува до Баерн, главен фаворит за нов тренер е Нагелсман од Лајпциг, а како опција се споменува и Масимилијано Алегри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА