Во дербито на вечерта од натпреварите во Лигата на нации, селекцијата на Франција со четири гола за 15 минути дојде до триумф од 4:1 над Белгија во рамки на елитната А дивизија.
Ова воедно беше и прва победа за селекторот Зинедин Зидан на домашен терен (на дебито како селектор пред домашните фанови, Франција и Италија во Париз одиграа 1:1).
Натпреварот кој се играше на стадионот „Франција“ не започна според очекувањата на 70-тина илјади навивачи бидејќи Лукебакио во 35-та минута и донесе предност на Белгија.
Во вториот дел, Французите тргнаа на се или ништо и во финишот, ја покажаа својата моќ и за 15-тина минути дадоа четири гола за убедлив триумф.
Прво во 77-та минута, Дезире Дуе погоди за 1:1, а во 81-та минута резултатот го сврте Рајан Черки. Во финишот од мечот, Михаел Олисе со два гола, во 88-та и 90-та минута и донесе убедлив триумф на Франција.
По четири кола, Франција е лидер на табелата во групата 1 од дивизијата А со 10 бодови, додека Белгија остана на шест бода.
Во вториот натпревар, од оваа група, Италија со 3:1 ја совлада Турција и ја прескокна Белгија на табелата.
Италијанците со старо-новиот селектор, Роберто Манчини, по поразот на стартот од Лигата на нации од Белгија, во следните три меча остварија две победи над Турција и имаат реми со Франција.
Победата ја најави, Скамака со голот во 26-та минута.
Турција во вториот дел, преку Шимшир во 61-та минута израмни на 1:1, но само три минути подоцна Калафиори одново и носи предност на Италија.
Во финишот, Еспозито го постави конечниот резултат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
