Франција го покори светот!

Фудбалската репрезентација на Франција е нов светски фудбалски првак. „Триколорите“ ја совладаа Хрватска со 4-2 во спектакуларен финален натпревар на „Лужњики“ во Москва. Селекторот Дидие Дешамп 20 години откако ја освои светската титула како активен фудбалер, сега го покори светот и како предводник на Гризман, Мбапе, и дружината.

Французите апсолутно заслужено стигнаа до триумф. На почетокот им помогна Марио Манџукиќ, кој си постигна автогол, откако реагираше со глава на центаршутот на Гризман. Топката во 18.минута заврши зад грбот на Субашиќ.

Иван Перишиќ успеа да израмни десет минути подоцна со прецизен удар од 14 метри, но во 38.минута беше досуден пенал за Франција, токму по игра со рака на стрелецот за Хрватска. Гризман го реализираше пеналот, а „триколорите“ на одмор заминаа со предност од 2-1.

Погба во 65.минута уште еднаш ја затресе мрежата на Хрватска, а потоа следеше и голот на Килијан Мбапе, кој со удар од далечина и дефинитивно ги нокаутираше „коцкестите“.

Марио Манџукиќ ја искористи големата грешка на Хуго Лорис, во 69.минута, но тоа беше се што сторија Хрватите. Французите се радуваат на мундијалскиот трофеј, повторно по 20 години.

Се вчитува...