Франција против Белгија во финалето на Дејвис купот

Франција и Белгија ќе ги одмерат силите во големото финале од Дејвис купот за оваа година, откако викендов „триколорите“ славеа над Србија, додека Белгија по огромна битка ја совлада Австралија.

Србија неочекувано поведе со 0-1 откако Лајовиќ во првиот меч во петокот го совлада Пуиј, но нашиот северен сосед беше немоќен да стори нешто повеќе во ситуација кога во тимот ги немаше Ѓоковиќ, Типсаревиќ и Троицки. Цонга беше предводникот на Французите, па по пресвртот во петокот и саботата, најдобриот француски тенисер денеска го совлада Лајовиќ за победа од 3-1.

Белгија влезе во денешниот ден со негатива од 1-2 против Австралија, но Гофан заврши фантастична работа откако се врати од 0-1 во сетови и славеше со конечни 3-1. Во клучниот меч Дарсис беше херојот на Белгијците, совладувајќи го Австралиецот Томпсон со максимални 3-0 за пласман во финалето, второ за Белгија во последните три години од ова натпреварување.

Се вчитува...