Французите објавија – Раул Гонзалес во наредните три години на клупата на ПСЖ

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес на крајот од сезоната дефинитивно ја напушта клупата на македонскиот шампион. Она што дојде како најава пред еден месец вечерва доби потврда и од француска страна. Највлијателните француски медиуми објавија дека  ПСЖ вечерва го официјализирал ангажманот на шпанскиот тренер. Гонзалес ќе го преземе ПСЖ на 1 јули 2018 година и ќе биде на клупата на парискиот тим во наредните три сезони.

Неофицијално дознаваме дека Раул Гонзалес деновиве го известил и раководството на Вардар дека по истекот на договорот на крајот од сезоната, заминува од клубот.

На тренерската позиција во најбогатиот ракометен клуб во светот, Гонзалес ќе го замени искусниот Звонимир Сердарушиќ кој има договор до крајот на сезоната, а потоа заминува во пензија.

Раул Гонзалес дојде во Вардар во 2014 година и под негово водство македонскиот клуб минатата сезона го постигна најголемиот успех во својата историја освојувајќи ја титулата во Лигата на шампионите. Но, неизвесноста во Вардар и пред се турбуленциите што ги предизвика газдата на клупот пред почетокот на новата сеозна со најавите за негово повлекување, го натераа Гонзалес и дел од играчите да си бараат нови ангажмани на крајот од сезоната.

Пред да дојде во Вардар, тренерската кариера на Раул Гонзалес беше во сенка на Талант Душебаев како негов помошник во Сиудад Реал и потоа во Атлетико Мадрид.

Во мај годинава Раул Гонзалес беше назначен за селектор на репрезентацијата на Македонија со договор со важност до 2020 година. Гонзалес пред извесно време најави дека без разлика на неговиот клупски ангажман, тој ќе остана на кормилото на македонската репрезентација и ќе го испочитува договорот со РФМ до крај.

raul 12

раул 1

Се вчитува...