Фудбалерите го победија и вирусот, сите се подготвени за дуелот со Ерменија

ЕКИПА во Ереван,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија пристигна во Ереван и само еден час подоцна го одработи првиот тренинг. Многу важна информација е дека составот е сега комплетен, откако фудбалерите го победија и вирусот кој завладеа изминатите денови во националниот тим. За мечот против Ерменија во вторник, четврти во Лигата на нации, селекторот Игор Ангеловски би требало да ги има на располагање сите адути.

„Можеме да кажеме дека конечно го победивме и вирусот. Беше тешка борба, неколку дена хотелот „Гранд Плаза“ мирисаше на оцет, поголем дел од фудбалерите имаа зголемена телесна температура и стомачни тегоби. Ретки се оние кои ги заобиколи, како Пандев, Трајковски, Алиоски, Несторовски…Но, сега е се в ред, сите се оспособени и веруваме дека ќе бидат подготвени за настап против Ерменија во вторник“, изјавија од лекарскиот тим на македонската фудбалска репрезентација.

Вирусот спречи дел од репрезентативците да настапат на мечот против Лихтенштајн. Аријан Адеми, Кире Ристевски, Мите Цикарски не беа во можност да настапат, а Стефан Ристовски и Стефан Спировски добија мала минутажа во вториот дел. Илија Несторовски поради изнемоштеност побара замена во второто полувреме. Но, сето тоа сега е минато, репрезентацијата во комплетен состав го одработи првиот тренинг во Ереван.

Се вчитува...