Во претходниот напис, од фудбалскиот времеплов беа издвоени фудбалерите од Македонија кои во кариерата настапувале за Црвена Звезда, еден од најдобрите клубови во поранешна Југославија, но и Југоисточна Европа, а предводени од нашите легенди Панчев, Најдоски, Дојчиновски, Ѓуровски, М. Стојковски, Канатларовски…
Овој пат, пак, ги издвојуваме фудбалерите, кои биле членови на Црвена Звезда а кои дел од својата кариера ја минаа во клубовите во Македонија, од кои многумина можеби се веќе и заборавени, ниту пак се познати на помладата генерација.
Ги нема многу, вкупно 17 од кои дури осум голмани. Сосема очекувано, јасно е дека првиот фудбалер од Црвена Звезда кој дошол во Македонија во далечната 1956 година е во екипата на Вардар – Миле Јоциќ. За Вардар има одиграно 70 натпревари од кои 35 првенствени. Дебитираше на мечот со Спартак со победа од 5-1. Постигнал 21 гол во црвено-црниот дрес. Еве го тој состав на Вардар: Цветковски, Вучидолов, Лазаревски, Радевски, Урош Петровски, Џорлев, Николовски, Јоциќ, Јелисавчиќ, Велковски, Дончевски.

По него дресот на Вардар го облече познато фудбалско име од поранешна Југославија, Милан Живадиновиќ /1965-1966/, кој по завршувањето на играчка кариера беше тренер на Црвена Звезда и селектор на репрезентацијата на Србија. За Вардар има одиграно 36 натпревари, постигнал 14 голови. Најчесто играше во овој состав на Вардар: Митко Атанасовски, Дробац, Илија Мојсов, Д.Георгиев, Дојчиновски, Чаршавски, Лакиќ , Живадиновиќ, С.Мојсов, Ж.Поповски, Соколовиќ.
Голманска петторка во Вардар
Уште пет играчи на Црвена Звезда досега го носеле дресот на Вардар и што е уште поинтересно, четворица беа голмани. Прв беше Бошко Кајганиќ /1973-74/ кој има брането на 64 натпревари. Бранеше во еден од најсилните состави на Вардар заедно со Анчевски, Јаневски, Плачков, Мечкаров, Д.Георгиев, К.Димитровски, Сребров, Ѓ. Николовски, Балевски, Секулов, Шуица, Узунов, М.Спасовски…По заминувањето од Вардар, Кајганиќ бранеше со голем успех за турскиот фудбалски гигант Галатасарај. За жал загина во сообраќајна несреќа во Истанбул.
По Кајганиќ, голот на Вардар го бранеше Драган Симеуновиќ /1970-79/. Беше на голот на 63 средби. И овој состав на Вардар кога бранеше Симеуновиќ е интересен и силен: Симеуновиќ, Јовановски, В.Димитровски, К. Димитровски, Банковиќ, Драганиќ, Маневски, Мицевски, Пепи Георгиевски, Оџаков, Рингов.

Еден од голманите од Црвена Звезда кој има брането за Вардар е Горан Живановиќ /1984-85/ година на 40 натпревари. Заслужува да се објави и овој состав кога на голот беше Живановиќ. Со него беа уште Јовановски, Симоновски, Пепи Георгиевски, Најдоски, Сетинов, Трајановски, Мицевски, Панчев, Здравков, Рингов.
Можеби за нашите читатели ќе биде изненадување кога ќе го спомнеме сегашниот тренер на Борец од Велес, Горан Симов. Потекнува од фудбалската школа на Црвена Звезда, бранеше за кадетите, подоцна и за младинците. По доаѓањето во Македонија беше голман на Вардар во двете сезони 2012 и 2013 година кога под раководство на тренерите, најпрвин со Илчо Георгиевски, потоа и со Боби Милевски беа освоени шампионските титули. Бранеше во составот со Бојовиќ, Вајс, Цикарски, Бошковски, Стјепановиќ, Костовски, Стојаковиќ, Ранѓеловиќ, Ивановски, со Оса и Хорхе Хименез… Покрај во Вардар има брането за Силекс и Македонија ЃП освојувајќи го Купот во 2005 година.

Петти голман кој бранел за Вардар од Црвена Звезда е Александар Кировски кој во црвено-црните редови беше во сезоната 2018/2019. Претходно беше дел од Црвена Звезда каде се издвои како еден од најдобрите голмани во Србија во сезоните од 2011 до 2015 година.
Уште двајца играчи од Црвена Звезда го облекле дресот на Вардар во сезоната 1982/83, но не беа толку познати имиња и не се наиграа многу во неговиот дрес. Дојдоа од младиот тим на „црвено-белите“ од Белград – Мишо Радовиќ кој настапил на 14 натпревари и Жарко Радиќ на само 5 натпревари. Кога тие играа, во составот на Вардар беа: Благој Георгиев, Јовановски, В. Димитровски, Тасевски, К. Димитровски, Банковиќ, Т.Савевски, Оџаков, Здравков, Гоце Алексовски, Рингов …Во Вардар останаа само една сезона.
И за Пелистер бранеше голман од Црвена Звезда
Покрај за Вардар, фудбалери од Црвена Звезда во Македонија имаат настапувано и за Пелистер, Победа и Брегалница. И повторно уште еден голман, Живан Љуковчан во сезоната 1985/85 беше на голот на битолски Пелистер, со Миленко Рајковиќ, кој исто така потекнува од белградска „Маракана“. Љуковчан имаше и четири настапи за репрезентацијата на тогашна Југославија, а од Пелистер замина во Фенербахче. Поранешниот фудбалер на Пелистер, Неџат Хусеин добро се сеќава на составот со кој играше една сезона со овие двајца „звездаши“. Живан Љуковчан, Душко Ќосиќ, Горан Грбовиќ, Горан Ивановиќ, Новица Костиќ, Миленко Рајковиќ, Неџат Хусеин, Мирко Петров, Милош Костиќ, Благоја Китановски, Владимир Јовичиќ. Во таа сезона Пелистер со голем успех играше во Втората лига на поранешна Југославија. Тренер беше Иван Чабриновиќ.
Ред дојде и на Победа, Тетекс и Брегалница, за кои исто така настапувале поранешни играчи на Црвена звезда. Во Победа во сезоната 1999 играше Дејан Димитриевиќ, кој има играно и за младата репрезентација на поранешна Југославија. Најпознат состав на Победа на кој тој играл е реванш мечот со Перуџа /0-0/ во Прилеп: Гоце Груевски, Панче Ристоски, Горан Лазаревски, Игор Николаевски, Небојша Стојковиќ, Д Силва Жилсон, Раде Каранфиловски, Марјан Стојкоски, Николче Здравевски и Дејви Главевски.
Во сезоната 2003/2004/ на голот на Победа беше уште еден голман од Црвена звезда, Александар Чановиќ, кога за првпат стана шампион на Македонија. Во решавачкиот меч за титулата, Победа во Прилеп го победи Работнички со 4-1. Ова е тој шампионски состав на прилепчани: Александар Чановиќ, Димитар Капинковски, Столе Георгиев, Чедомир Мијановиќ, Марјан Нацев, Тони Мегленски, Да Силва Жилсон, Благојче Ѓорѓиоски, Николче Здравески, Сашо Крстев и Драган Димитровски.
Александар Чановиќ има брането и за Брегалница од Штип во сезоната 2012/2013. А, играше заедно со Горан Здравков, сегашниот тренер на Детонит Плачковица, со Елмир Мандак, Ѓоко Цветановски, Марјан Белчев, Ристо Наумов, Иван Митров, Саше Ѓоревски, Томислав Блажевски, Марко Бучетиќ, Александар Ивановиќ. Владо Данилов… Од Штип замина во Динамо Минск. Инаку Чановиќ бранеше за младата репрезентација во тоа време на Србија и Црна Гора, како и за олимписката репрезентација на оваа држава на игрите во Атина 2004 година.
На крајот Тетекс кој може да се пофали дека тројца фудбалери на Црвена Звезда играле во Тетово носејќи го неговиот дрес. И што е интересно повторно еден голман, Душан Томиќ кој цели пет сезони беше на неговиот гол почнувајќи од 1982 година, но не и секогаш како прв голман. Бранеше за Тетекс и во Првата лига на поранешна Југославија. Во тимот кога беше прв голман беа Јаковлевиќ, Родиќ, Јовановиќ, Пејановиќ, Алексиќ, Јордановски, Симовски, Тасиќ, Грнчаров,Чупи…
Прв „звездаш “во Тетекс беше Душан Николиќ, кој по заминувањето од Звезда играше и во Англија за Бирмингем од каде дојде во Тетово во 1982 година, веднаш по него и Здравко Чакалиќ. Настапуваа заедно со Цакиќ, Мехмети, Јовановиќ, Симовски, Урошевиќ, Заковски, Цветковиќ, Маџунаров, Чупи, Пејановиќ, Јаковлевиќ, Брнчаров…
Уште едно „дете“ на Црвена Звезда кое ги има минато сите помлади селекциии на белградскиот тим, има играно и за младинската селекција на Србија. Тоа е Дарко Гроздановски, кој има потекло од Македонија. Играше за првиот тим на Силекс 2019/20 година кога тренер на кратовци беше Горан Симов. Еве го тој тогашниот тим на Силекс: Ефремов, Божиновски, Тимовски, Карчевски, Драшковиќ, Богдановски, Серафимовски, Дурански, Ристов, Ивановски, Гроздановски, Кировски, Мустафов, Маринковиќ… По Силекс потоа играше за Тиквеш, Кожув, годинава во зимскиот преоден рок потпиша и играше за Воска Спорт.
Во сезоната 2022 за Силекс играше Марко Маринковиќ, кој има настапувано и за репрезентацијата на Србија, играчи до 17 години. Играше за повеќе клубови во Србија, во Силекс дојде од Спартак од Трнава. Беше стандарден првотимец додека беше во Кратово, играше заедно со Божиновски, Бихјорац, Бурхан Али, Јамалари, Манасиевски, Обадовиќ, Петровски, Ричко, Ристовски, Серафимовски.Тренер беше Горазд Михајлов. Неочекувано, по само шест месеци, се раздели со Силекс и замина во клубот Лозница во Србија.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА