Фудбалските работници едногласни: Триумфот над Германија многу повеќе од спортска победа!

Победата на македонската репрезентација против Германија во Дуисбург во квалификациите за СП 2022, силно одекна во светската спортска јавност. Но, и не само во спортската, што е повеќе од доволен показател за силниот општествен импакт кој го има фудбалот.

Триумфот над Германија е многу повеќе од само спортска победа, е единственото мислење на домашни фудбалски работници и аналитичари, кои повикуваат сето ова да биде анимирачки момент и за домашните државни институции многу повеќе да обрнат внимание на спортот на вистински начин. Низ актуелниот момент не смее да постои раздор во спортските федерации, а ги има серија такви, но и не смее да се дозволи да згасне на неславен начин еден од најголемите македонски спортски брендови – ФК Вардар. Спортот како најголемиот амбасадор на една земја, добива уште една потврда плус со македонската фудбалска рапсодија во Дуисбург.

Не стивнуваат пофалбите од разни страни за македонските фудбалски репрезентативци и Игор Ангеловски кои запишаа неверојатен успех со победата над Германија, како дополнение на пласманот на ЕВРО 2020.

„Во моменти кога емоциите стивнуваат по онаа голема победа над Германија,остануваат непобитните факти, а тоа се: Ова е најдобриот тим што Македонија го имала. Ова е до сега најдобро водена фудбалска селекција кај нас. Ова е тим со фантастична атмосфера, позитивна енергија и кохезија. Нашите фудбалери, за првпат настапуваат и играат без комплекси или страв од било кој противник, при што импонира балансот меѓу емоциите и нагласената смиреност и рационалност во сите фази на играта и на секој дел од теренот“ – вели еден од најеминентните македонски фудбалски работници, поранешниот директор на Вардар, Драган Томовски, притоа дополнувајќи:

„Македонија, дефинитивно е земја со исклучителни таленти во спортот, посебно фудбалот. Горан Пандев, неверојатна личност, играч и водач во македонскиот тим, откако за 7 дена по два одиграни натпревара, одигра и цел (трет) натпревар. И покрај возраста треба да размисли да ја одложи одлуката за напуштање на репрезентацијата по Европското првенство.Па зошто малку да не поигра и на Светско првенство. Огромна честитка за нашите херои, фудбалерите и стручниот штаб, како и за сите останати кои придонесоа за успесите кои се редат, посебно последниот, кој со децении сигурно ќе се памети и прераскажува“.

Поранешниот македонски селектор, Ѓоре Јовановски повикува на обединување на сите страни во македонскиот фудбал сега во овие клучни моменти, како репрезентативците би имале неопходен мир за настап на најдобар можен начин на ЕП.

„Ова е момент за комплетно обединување, не само на фудбалските работници, туку и на сите општествени и државни структури за да се искористат овие репрезентативни резултати за вистинска промоција на нашата земја. Добро се виде како силно одекна во Европа и во светот пласманот на Европското првенство и победата над Германија, и колкава е всушност моќта на фудбалот“ – вели еден од најдобри македонски тренери, Ѓоре Јовановски.

Токму настапот на собирот на најдобрите на Стариот континент треба да биде беспрекорен момент за дополнителна промоција на нашата фудбалска игра.

„Македонија ја има најдобрата генерација во историјата на фудбалот која е трпеливо градена и тоа мора да се искористи на најдобар можен начин. Нема поголем момент од настап на Европско првенство не само за дополнителна промоција на фудбалска игра, но и за промоција на самата држава. Овие успеси на фудбалерите сигурно треба да бидат и добар мотив за дополнителни инвестиции во фудбалот и стимул за уште поголема масовност на овој спорт во земјата“ – вели поранешниот македонски репрезентативец и еден од највлијателните македонски фудбалски агенти во светот, Никола Ѓошевски.

А, колку фудбалот во моментов владее со Македонија покажува и истражувањето на Фудбалската федерација на Македонија и УЕФА според кое „фудбалот е спорт број 1 во Македонија“. Истражувањето направено и спроведено од „Kantar Media“, водечка меѓународна компанија специјализирана за истражување, податоци и увиди, во име на Фудбалската федерација на Македонија со поддршка на УЕФА, вели дека „угледот и перцепцијата за работата на ФФМ е исклучително позитивен, додека нивото на интерес за натпреварите на националните тимови постојано бележи раст.

„Интересот за македонските национални тимови дополнително е зголемен со кампањата за ЕУРО 2020. Промотивната кампања треба да биде фокусирана на успехот, возбудата и гордоста. По завршувањето на Европското првенство, ФФМ треба да стави акцент на иницијативи и поддршка на другите национални репрезентации со шанса за пласман на големи турнири во иднина. Специфични области на фокус треба да бидат обука на висококвалитетни тренери и судии, подобрување на фудбалската инфраструктура и развој на младинските категории. Многу значајно е да се зголемува интересот за младинските репрезентации покажувајќи им го патот на играчите од македонските репрезентации кои беа дел од младинските национални тимови и стигнаа до учество на УЕФА ЕУРО 2020“ – се вели меѓу другото во истражувањето на „Kanter Media“.

Се вчитува...