Габриеле Гравина со официјална честитка до Сејдини: Може да бидете горди, Ви посакувам уште една незаборавна ноќ во Порто! (ФОТО)

Претседателот на Италијанската фудбалска федерација Габриеле Гравина испрати и официјална честитка до претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини за големата победа на Македонија против европскиот шампион Италија во баражот за пласман на СП 2022.

Гравина во својата искрена честитка нагласува дека тие се подготвувале за победничка вечер во Палермо, но на крајот Италија мораше да и честита на Македонија, а првиот човек на италијанската федерација нагласува дека Сејдини, како лидер на оваа федерација и тим, може да биде горд на остварениот успех.

„Почитуван Муамед, почитуван пријатели. И низ овие неколку редови би сакал да честитам на вашиот тим за големата победа. За нас тоа беше важна вечер, но во спортот секогаш има победник и поразен. А спортот е интересен токму затоа што не секогаш фаворитот победува. Мои топли честитки за вашиот успех кој ги израдува сите во Македонија, а видеата од прославите во Скопје се прекрасен доказ за тоа. Може да бидете горди што се лидер на еден ваков тим, а сигурен сум дека овој меч во Палермо ќе остане засекогаш во аналите на македонскиот спорт. Деновите дружба во Палермо се зад нас, но ќе останат засекогаш во заедничко сеќавање со надеж за уште многу наши идни средби. Дозволете на крај да ви посакам од срце успех и во Порто. Уште една незаборавна ноќ е можна!“ – вели во своето писмо до Муамед Сејдини, првиот човек на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина.

Пред дуелот во четвртокот во Палермо, пак, двајцата претседатели имаа заеднички средби на кои си разменија меѓусебни подароци. Сејдини од Гравина доби дрес од италијанската репрезентација на Флоренци, а првиот човек на ФФМ, пак, на Гравина му подари дрес од Елиф Елмас.

 

Се вчитува...