Гатузо: Милан ќе игра убав фудбал сезонава

Тренерот на Милан, Џенаро Гатузо, не го криеше задоволството по одличното издание и победата на својот тим на дерби-дуелот со Рома. „Росонерите“ стигнаа до првиот триумф сезонава со гол во 95. минута, воедно и намалувајќи го притисокот врз самиот Гатузо по зачестените шпекулации дека тренерот би можел да биде сменет, а на негово место да дојде Антонио Конте.

„Она што ме радува е што имаме комплетен состав, различни опции за секој дел од тимот и искрено верувам дека ќе играме убав фудбал цела сезона. Бевме добри против Наполи во првото полувреме, а според мене против Рома бевме уште подобри. Не мора да значи дека ќе доминираме од почеток до крај, но мораме многу да трчаме, да ја движиме брзо топката, тоа е клучот за добар резултат. Во Италија има четири-пет тима што значително се засилија летово, ние сме еден од нив и нормално е очекувањата да бидат големи“ – изјави Гатузо.

Тој имаше пофални зборови за напаѓачите во својот тим, новото засилување Игуаин, како и хеојот од дуелот со Рома, Патрик Кутроне.

„Игуаин е еден од клучните во нашата игра, во моментите кога се извлекува и отвора простор за сите останати. Тој не само што е врвен голгетер, туку и извонреден асистент како што можевме да видиме при победничкиот гол. Што се однесува до Кутроне, тој е фудбалер кого сите го сакаат, секогаш дава се од себе и внесува енергија во тимот. Сега не игра премногу, но наскоро ќе влеземе во посилен ритам, ќе се игра на секои четири дена и Кутроне сигурно ќе добие поголема минутажа“ – открива Гатузо.

Се вчитува...