Гатузо се „отвори“: Болеста не е наивна – ако умирам сакам тоа да е на терен

Џенаро Гатузо ги минува најтешките денови во тренерската кариера, но не поради резултатската криза на Наполи. Причина е неговата болеста на очите поради која темпераментниот тренер веќе извесно време не може да живее и работи во нормала.

Гатузо последните натпревари ги води со превез преку едното око, најчесто не се појавува ниту на прес-конференциите, но по дуелот со Торино (1-1) стратегот на Наполи реши да се појави пред медиумите, осврнувајќи се повеќе на болеста отколку на новото потпросечно издание на неговиот тим.

„Не сакам играчите да ме гледаат ваков, знам дека и на нив не им е лесно. Болувам од миастенија повеќе од десет години, ова е трет пат како се појавува, но овојпат е навистина гадно. Поради болеста стануваш исцрпен, па 24 часа гледаш се дупло. Само лудак како мене може да го изрдржи тоа на нозе. Сепак, верувам дека ќе мине и очите ќе се вратат во нормала. Постојат и полоши работи, слушнав како луѓе зборуват дека ми останало уште еден месец од животот, но ве уверувам дека се е во ред. Наскоро состојбата ќе се нормализира. А и кога еден ден конечно ќе умрам, сакам тоа да биде онаму каде што живеев – на фудбалски терен“, изјави Гатузо.

Се вчитува...