„Ѓаволите“ се во криза – пораз од Лестер, се тресе столчето на Оле Гунар Солскјер

Оле Гунар Солскјер се соочува со огромен притисок да остане на клупата на Манчестер Јунајтед откако „црвените ѓаволи“ стигнаа и до трет меч во низа на кој не забележаа победа. Тие денеска загубија со 4-2 на гостуавњето против Лестер, со што воедно беше и ставен крај на серијата од 28 гостувања без пораз на „ѓаволите“ во Премиер-лигата.

Мечот почна одлично за гостите, кои преку Гринвуд први дојдоа во водство, но на спротивната страна израмни Тилеманс со фантастичен лоб-удар. Супердраматично беше во последните петнаесетина минути, најпрвин Сојунчу го донесе Лестер во водство, но Јунајтед одговори преку Рашфорд, кој постигна гол во 82. минута на својот камбек по повредата. Избраниците на Солскјер ог прославуваа израмнувањето, а Лестер веднаш откако тргна од центар постигна гол, овојпат преку капитенот Џејми Варди. Сите дилеми околу победникот ги разреши Дака со голот постигнат во судиското продолжение, на огромна радост на домашните фанови.

Манчестер Сити рутински славеше над Барнли со 2-0, меч на кој Пеп Гвардиола одмори неколку првотимци. Голманот Стефен добро ја заврши работата како замена за Едерсон бранејќи неколку опасни удари на гостите, додека на спротивната страна головите за „граѓаните“ ги постигнаа Бернардо Силва и Кевин де Бруине.

Интересно беше и на „Вила Парк“, каде Астон Вила прокоцка предност од 2-0 и на крајот загуби на домашен терен од Вулверхемптон (2-3). Гостите двата гола ги постигнаа преку дефанзивците Саис и Коуди, кои во последните десет минути од мечот го совладаа Мартинез. Шокот за домашните фанови беше комплетиран кога по слободниот удар на Невес топката го закачи еден од дефанзивците на Астон Вила и заврши во мрежата на домашниот тим.

Норвич и Брајтон ремизираа 0-0, додека Саутемптон со голот на Броја во 53. минута го совлада Лидс.

Се вчитува...