Герет Бејл и голманот Влаходимос, приоритети за новите газди на Њукасл

Англискиот премиерлигаш Њукасл очекува во најбрз можен рок да биде одобрена купопродажбата на клубот, саудискиот концерн предводен од принцот Мохамед бин Салман да го преземе раководењето, а веќе се поставени и приоритетите за летниот преоден рок. Најавите се дека Маурисио Покетино би можел да седне на клупата на тимот од „Сент Џејмс Парк“, а тој има две големи желби за новиот состав на Њукасл.

Првата е враќањето на велшкиот интернационалец Герет Бејл во Премиер – лигата. Фудбалерот на Реал Мадрид подолг период не е во најдобри односи со Зинедин Зидан, но Реал Мадрид не може така лесно да се ослободи од него. Ниту еден клуб не беше заинтересиран да ги преземе обврските околу преголемата плата што ја добива Бејл во „кралскиот клуб“. Новите моќни сопственици на Њукасл секако тоа би можеле да го исполнат.

Втората голема желба на Њукасл е ангажман на нов голман. Очите се вперени во грчкиот интернационалец Одисеас Влаходимос кој го чува голот на Бенфика. Тој има отштетна клаузула од 60 милиони евра во договорот со португалскиот клуб, а премиерлигашот е подготвен да ја плати за да го доведе во Англија.

Се вчитува...