Гигантите еден по еден се откажуваат – Халанд останува во Борусија Дортмунд

Ерлинг Халанд нема да ги промени клупските бои во текот на летово поради нереалните очекувања на неговиот агент Мино Раиола и на таткото на голгетерот, кои во изминатите дваесетина дена се сретнаа со претставници на неколку клубови кои се дел од европската фудбалска елита.

Реал Мадрид и Барселона се првите клубови кои гласно се заблагодариле, ставајќи до знаење дека нема да испраќаат понуда. Халанд барал плата од 35 милиони евра, Раиола и неговиот татко бараат вкупна провизија од 40 милиони евра за лобирањето во трансферот, додека Борусија ќе инсистира на најмалку 120 милиони евра за својот најдобар стрелец. Овие трошоци се превисоки и во нормални услови, камоли во ваков период на голема финансиска криза поради коронавирусот, па ниту Реал, ниту Барселона нема да испраќаат понуда за Халанд летово.

Истото се однесува и на англиските премиерлигаши со кои Раиола и Халанд Сениор се сретнале минатата седмица, кои се свесни дека е подобро да почекаат до следното лето, кога клаузулата за заминување од Борусија ќе биде 75 милиони евра, за да тргнат во офанзива по Халанд.

Во една ваква ситуација, за очекување е „милионерите“ летово да инсистираат на продажба на Санчо, а Халанд да го задржат на уште една година.

Се вчитува...