Гигс: Ферги имаше четири миленици во Манчестер Јунајтед

Рајан Гигс ја мина целата играчка кариера во Манчестер Јунајтед, освојувајќи вкупно 13 пехари во Премиер-лигата и два во Лигата на шампионите како член на „црвените ѓаволи“. Поголемиот дел од кариерата велшкиот ас ја мина играјќи за Сер Алекс Фергусон, па сега во интервју за „Беин Спортс“ откри детали за темпераментот на трофејниот стратег.

Ферги отсекогаш важел за строг тренер што не бирал начини да допре до своите фудбалери и да го извлече максимумот од нив, но Гигс откри дека низ годините имало четири играчи на кои Сер Алекс никогаш не им го повишил гласот.

„Секако дека имаше страв од Фергусон, особено во раната фаза од кариерата. Како што стануваше постар, така тој стануваше и поблаг во методите. Како млад фудбалер се плашевте и кога ќе го слушнете како ќе се закашла, тоа значи дека не правите нешто како што треба. Јас неколку пати бев во негова немилост, имавме конфликти шест или седум пати, но години подоцна Ферги ми призна дека му се допаѓало што му враќав, бидејќи тоа значи дека не сум рамнодушен. Имаше играчи на кои никогаш не им викна, не го крена гласот на нив. Прв беше Ерик Кантона, кој на неколку натпревари немаше да даде гол ниту да асистира, но и не помагаше во одбраната како што тоа го правеа Тевез или Руни. Очекувавме Ферги да му „каже збор или два“, но тој ќе влезеше во соблекувалната и ќе премолчеше. Останатите тројца со кои се однесуваше така беа Рој Кин, Кристијано Роналдо и Брајан Робсон. Фергусон ги третираше ѕвездите на посебен начин бидејќи знаеше дека ќе му се оддолжат на теренот“, истакна Гигс.

Прославениот велшки фудбалер по завршувањето на играчката кариера заплови во тренерски води, а моментно е селектор на националниот тим во татковината.

Се вчитува...