Го бараше Наполи како замена за Ким, на крајот потпиша за Вест Хем

Константинос Мавропанос ќе биде најновото засилување на Вест Хем откако „чеканите“ постигнаа целосен договор со Штутгарт околу висината на трансферот на грчкиот репрезентативец.

Одличниот дефанзивец на почетокот од преодниот рок беше поврзуван со Наполи како замена за Ким, но „наполитанците“ не успеаја да се договорат со Штутгарт, нудејќи вкупно 20 милиони евра. Трансферот пропадна, а од целата ситуација профитираше Вест Хем, кој се договори за загарантирани 20 милиони на сметката на германскиот клуб, плус дополнителни пет милиони доколку бидат активирани клаузули поврзани со бројот на настапи за „чеканите“.

Мавропанос објави и фотографија од авион додека лета за Лондон, каде по лекарските прегледи ќе ја има и својата промоција во новиот клуб.

Тој ќе биде третото значајно засилување на лондонскиот клуб летово, по Ворд Прауз од Саутемптон и Алварез од Ајакс.

Се вчитува...