ГОГ го зеде последниот билет, познати се сите четвртфинални двојки за ЛШ

ГОГ Гудме е последниот четвртфиналист во Лигата на Шампионите откако на реваншот од данската осминафинална пресметка славеше над Алборг со 32-24. Ракометарите на Алборг имаа „плус два“ од првиот меч што го играа пред своите гледачи, но ГОГ одигра беспрекорно во вторите 60 минути од овој двомеч, го контролираше резултатот во текот на целиот реванш и заслужено славеше со убедливи „плус осум“, за историско прво четвртфинале во Лигата на Шампионите на овој тим.

Питлик беше најефикасен во победничкиот тим со осум гола, по седум постигнаа Мадсен и Јоргенсен. Алборг составуваше дрим-тим сезонава, но отсуството на неколку клучни играчи предводени од Микел Хансен се покажа клучно за амбициите да згаснат уште во првата нокаут фаза од Лигата на Шампионите.

Веспрем и на реванш дуелот беше подобар од Пик Сегед, славејќи на домашен терен со 38-33. „Црвените“ целата работа ја завршија уште на првиот меч што на гостински терен го добија со „плус тринаесет“, за вечерва само да го запечатат пласманот во четвртфиналето.

Сега веќе и официјално се познати сите четвртфинални средби од Лигата на Шампионите, кои преку двомеч дуели ќе ги дадат патниците на Ф4 турнирот во Келн. Веспрем по елиминацијата на Пик Сегед го очекува тешка задача против полскиот првак Киелце, додека ГОГ по триумфот во данските пресметки со Алборг го очекуваат дуели со големиот фаворит Барселона.

Многу интересни се очекува да бидат пресметките меѓу ПСЖ и Кил, додека Магдебург ќе ја има фаворитската улога против Висла Плоцк.

Се вчитува...