Ѓока: Шкендија покажа карактер, победивме директен ривал за титулата

Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Ернест Ѓока, не го крие задоволството по големата победа на тетовци на гостувањето против Академија Пандев. „Црвено-црните“ се вратија од негатива од 1-0 и на крајот триумфираа со 1-2, па Ѓока неслучајно го истакна карактерот на својот тим како клучен фактор за конечниот исход.

„Шкендија покажа карактер, тоа е она што најмногу ме радува. Се најдовме во негатива, па со пресврт стигнавме до победата. Тоа не е нималку лесно да се направи, но Шкендија поседува квалитет за такви пресврти. Морам да сум задоволен, бидејќи на гостински терен совладавме тим што ни е директен ривал за титулата. Ова е одлична победа, извонреден старт на 2020 година, но пред се триумф со кој се крева атмосферата во тимот во пресрет на наредните предизвици“, изјави Ѓока.

Шкендија се уште заостанува осум бода зад Вардар во борбата за титулата, а тетовци следното коло ги очекува нов сериозен предизвик, гостување против третопласираниот Силекс.

Се вчитува...