Ѓока: Воодушевен сум од формата на тимот, играчите се двигателите на овие успеси на Шкендија

Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Ернест Ѓока сосема очекувано не го криеше задоволството по последната победа на неговиот тим против Академија Пандев од 1-0 во 27. коло од Првата македонска фудбалска лига, по која „црвено-црните“ веќе се пред осигурување на шампионската титула.

Ѓока вели дека е воодушевен од пристапот кон играта на секој негов фудбалер и начинот на кој се чекори кон посакуваните цели.

„На ниту еден натпревар не сме опуштени затоа што сме свесни дека секој меч е специфичен сам по себе. Имаме малку напорен ритам но има многу подготвени фудбалери кои може да одговорат на обврските. Навистина сум воодушевен од формата на тимот, од пристапот на играчите кон играта. И сето тоа вродува со плод, и освојување бодови. Така ќе биде и до крајот на сезоната. За секој натпревар имаме две тактички опции за играта, или формација 4-3-2-1 или план Б со 4-3-3. Сето тоа умешно го изведуваме и благодарение на расположените фудбалери кои се двигатели на овие успеси на Шкендија“ – истакна Ѓока по вчерашната победа над „пандевци“.

Шкендија сега е со +13 бода во однос на второпласираниот Шкупи. Веќе престојниов викенд тетовци би можеле да слават титула во случај на победа на гостувањето против Беласица.

Се вчитува...