Ѓоковиќ потврди: Нема да играм тенис до крајот на годинава

Новак Ѓоковиќ ги отстрани сите дилеми околу своите настапи во следниот период објавувајќи дека му е потребно подолго време за рехабилитација, поради што нема да игра на турнирите до крајот на оваа 2017 година. Претходно српските медиуми објавија дека Ѓоковиќ ќе го пропушти УС Опен, за самиот Новак денеска на прес-конференција во Белград да потврди дека повредата е сериозна и бара подолго мирување.

Имаше бројни шпекулации околу мојата повреда, па затоа сакам да ја извесам јавноста дека нема да играм тенис до крајот на годинава. По консултациите со бројни доктори од Србија, но и ширум светот, ја донесов оваа одлука бидејќи е јасно дека морам да ги решам проблемите со повредата на лакотот. Таа ме мачи веќе година и половина, ми претставуваше проблем на многу турнири во последно време, но ситуацијата се влоши за време на Вимблдон. Предадениот меч со Бердих беше само потврда дека морам да донесам порадикална одлука“ – изјави Ѓоковиќ.

Отсуството на бројните врвни турнири ќе значи и губење на огромен број на бодови и огромен пад на АТП-листата. Воедно, Ѓоковиќ му се заблагодари на Андре Агаси за соработката во изминатиот период и најави дека Американецот ќе му биде тренер и на гранслем турнирите во 2018 година.

Се вчитува...